Петта документарна емисија од серијалот ,,Инклузија“ – тема: Здравствена заштита за лицата со попреченост

Здравствениот систем во Република Македонија е социјален систем со здравствено осигурување по основ на задолжителни придонеси. Обезбедени се заштита и пристап до правото на здравствена заштита за лица со попреченост што е регулирана со неколку законски и подзаконски акти.
Постојната законска рамка е дискриминирачка во однос на правото на бесплатна здравствена заштита и осигурување на децата/лицата со попреченост.
За децата со попреченост при болничка здравствена заштита и рехабилитација дозволен е придружник до три-годишна возраст, а центрите за рехабилитација најчесто се оддалечени од местото на живеење.
Односот од страна на здравствените работници во давањето услуги на лицата со попреченост на локално ниво е многу лош, за настинки и мали интервенции ги праќаат на клиники во Скопје, а за да добијат услуги на клиниките чекаат со недели и месеци. Голем дел од родителите со години се по болници и центри за рехабилитација, како придружници на своите деца, спречени да засноваат работен однос, а поради ограничувањата во законските прописи, плаќаат за лекарства и престој во болниците и центрите за рехабилитација со целосен износ. Ортопедските помагала што се бесплатни имаат низок квалитет, па повторно останува на родителот да ги купи по многу голема цена.
Во остварувањето на ова право за ослободување од партиципација при набавка на ортопедски помагала и лекарства, постојат разлики според возраст (до и над 18 и 26-годишна возраст). Ова право се врзува со права од социјална заштита, правото на ослободување од партиципација над 18 и 26 години што го користат корисници на постојана парична помош (остварувањето на ова право во социјалната заштита е поврзано со приходи во семејството, во здравствената заштита, од една страна, лицата се сметаат за возрасни, а, од друга страна, ослободувањето од партиципација се врзува со приходи во семејство), ослободувањето од партиципација го користат и лица со попреченост што живеат во згрижувачки семејства, а на лица што се во биолошки семејства ова право им е одземено. Исто така, не постои лично право на бесплатна здравствена заштита и осигурување за лице што е работонеспособно и лице што е неспособно за самостоен живот.
Потребата од користење лекарства и ортопедски помагала по навршени 18 или 26 години не престанува, со што се отвора нов проблем за овие лица, сами да ги обезбедуваат овие средства. Многу од нив не се во можност и ги прекинуваат третманите и рехабилитацијата на своите деца, па со самото тоа на лицата со попреченост им е загрозена здравствената состојба.
Недоволната достапност до системот на здравствена заштита и лошите животни услови најчесто се причина за послаб здравствен статус на оваа категорија граѓани во споредба со општата популација. Потребни се определени измени во законските прописи за здравствена заштита што ќе овозможат подобрување на пристапот до здравствената заштита за сите граѓани со попреченост преку континуирано користење, без никакви возрасни и други ограничувања, лекарства, третмани и ортопедски помагала со повисок квалитет и функционалност, согласно нивните потреби.

Please follow and like us:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *