ОГЛАС ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА СТИПЕНДИИ ЗА ДЕЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ

Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ го реализира Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ заедно со своите партнери Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хендимак“. Проектот се реализира во соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, а финансиски е поддржан од страна на Европската Унија. Овој проект има за цел да обезбеди целосна и еднаква вклученост на децата со попреченост во редовните основни училишта кои прераснуваат во безбедни средини што се отворени и пристапни за сите деца и посветени да обезбедат квалитетно образование на децата со разновидни образовни потреби. 

Како дел од овој проект ќе се доделат стипендии на деца со попреченост кои во учебната 2020/2021 година ќе се запишат во прво одделение или ќе го продолжат своето образование во второ одделение. Целта на овие стипендии е да се пружи поддршка на семејствата на децата со попреченост во надминување на трошоците поврзани со нивното школување, училишни материјали, специјализирана опрема, воннаставни активности, асистенти за помош/едукација, трошоци за терапија, транспортни трошоци или други слични специфични потреби, а воедно да се поддржи одлуката за проактивно и засилено запишување на ученици со попреченост во редовните училишта.

Оваа година, овие стипендии ќе се доделат на вкупно 300 ученици. Висината на месечната стипендија е 50 ЕУР во денарска противвредност, а бројот на месеци во кои ќе се доделуваат стипендии ќе зависи од времетраењето на училишната годината според препораките од Министерството за образование и наука. Задржувањето на стипендијата во следната учебна година зависи од редовноста на ученикот во училиште и успешниот премин во следното одделение, со што договорите за стипендирање ќе бидат продолжени и за следната учебна година.

Вклученоста и редовноста на настава е од витално значење за задржување на стипендијата. Очекувањата за редовноста на учениците со попреченост ќе бидат дефинирани индивидуално за секој ученик во консултација со инклузивниот тим во училиштето и со експерт за деца со попреченост кој ќе биде вклучен и во избор на стипендистите. Во планот за редовност ќе бидат земени предвид и препораките поврзани со пандемијата со КОВИД-19 и начинот на кој ученикот ќе ја следи наставата (далечински или со физичко присуство). Редовноста на учениците ќе биде постојано следена и извештаи за редовноста ќе бидат подготвувани на месечно ниво.

Средствата од стипендијата се доделуваат на родител/старател на ученикот.

Можност за пријавување имаат, децата кои ги исполнуваат следните основни критериуми:

  • Да поседуваат документација за вид и степен на попреченост (наод и мислење),
  • Да се деца со попреченост кои во учебната 2020/2021 година ќе се запишат во прво одделение или ќе го продолжат своето образование во второ одделение.
  • Да се обврзат на редовно посетување на наставата, во зависност од индивидуалните можности и согласно препораките за безбедно посетување настава во услови на пандемијата КОВИД-19.
  • Да не се корисници на било каква друга стипендија доделена од било која друга институција или компанија.
  • На родителот/старателот кој аплицира во име на кандидатот за стипендија да не му е одземено родителското право.

За дефиниција на дете со попреченост се користи разбирањето за попреченост кое е дефинирано во Правилникот за оцена на видот и степенот на попреченост на лицата во менталниот или телесниот развој и се однесува на:

  • Лица со оштетен вид (слабовидни и слепи)
  • Лица со оштетен слух (наглуви и глуви)
  • Лица со пречки во гласот, говорот и јазикот
  • Лица со пречки во телесниот развој
  • Лица со попреченост во менталниот развој (лесна, умерена, тешка и длабока)
  • Лица со аутизам и друго перварзивно развојно растројство
  • Лица со повеќе видови на попреченост (лица со комбинирани пречки во развојот).

Потребни документи кои треба да се приложат:

  • Пријава за стипендија од проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“. Пријавата можете да ја симнете ТУКА и таа треба да биде во целост пополнета и потпишана.
  • Потврда од училиште за редовен ученик во прво или второ одделение во учебната 2020/2021 година, со печат и потпис од училиштето.
  • Документација за вид и степен на попреченост (наод и мислење).

Во случај на конкурсот да се пријават повеќе од 300 ученици кои ги исполнуваат основните критериуми, предност ќе биде дадена на оние деца со попреченост кои:

  • Ќе се запишат во прво одделение или ќе го продолжат своето образование во второ одделение во редовно основно училиште
  • Деца на самохрани родители
  • Деца со еден или двајца невработени родители
  • Деца од семејства со приходи на ниво на минимална плата
  • Деца кои се сместени во згрижувачки семејства
  • Деца кои доаѓаат од многудетни семејства
  • Деца каде во потесното семејство има и друг член со попреченост
  • Ќе се води сметка за еднаква родова застапеност на децата стипендисти.

Проектот го задржува правото да воведе и други разумни дополнителни критериуми за селекција на стипендистите во случај на поголем број апликации или кандидати кои ги исполнуваат горенаведените основни или дополнителни критериуми. На барање на проектот, веродостојноста на податоците кои ќе бидат наведени во пријавата ќе треба да се поткрепат со дополнителни документи.

Документите треба да се достават најдоцна до 30 септември 2020 (среда), 16.00 часот:

  • до Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ на Партизански одреди 72а (мезанин), Скопје, лично во периодот меѓу 8 и 16 часот, по пошта (за пријавите испратени по пошта за време на поднесување ќе се смета времето на испраќање на пријавата), или скенирани на следнава е-маил адреса: stipendii@stepbystep.org.mk,
  • до Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“, Ул. Пионерска 29 1/1, 1300 Куманово (до Лабораторија Др. Стојмановски) , лично во периодот меѓу 08:30 и 16:30 часот, по пошта или скенирани на следнава е-маил адреса: inkluziva@gmail.com, или
  • до Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хендимак“, Ул.”Браќа Миладинови” 402; А2 1/2, 1200 Тетово (спроти Текстилно училиште) лично во периодот меѓу 08:30 и 16:30 часот, по пошта или скенирани на следнава е-маил адреса: handimak@gmail.com,

За резултатите од конкурсот кандидатите ќе бидат известени по електронска пошта (на адресата наведена во пријавата)

За сите дополнителни информации контактирајте на: stipendii@stepbystep.org.mk или на 072 307 326.

Дополнителна информација:

Семејствата на кандидатите кои ќе добијат стипендија не го губат правото на гарантираната минимална помош согласно член 4 од „Правилникот за начинот на остварување на правото на гарантирана минимална помош…” (Службен весник на РСМ, бр. 109 од 28.5.2019 година): При остварување и користење на правото на гарантирана минимална помош, како приход не се смета стипендијата.

Телефони за дополнителни информации или договор за доставување на документи:

  • Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ – 072 307 326.
  • Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ – 076 279 663.
  • Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хендимак“ – 070 256 926.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site is protected by reCAPTCHA and the Google Privacy Policy and Terms of Service apply.

The reCAPTCHA verification period has expired. Please reload the page.